Data Linking

Блог

14 ЈУЛИ 2021

Предности и недостатоци од работењето од дома

Во изминатава година светот се соочи со неочекуван предизвик кој ни покажа многу ограничувања, но отвори и многу можности во деловното работење. Најголемиот можеби се однесува на опцијата за „работа од дома“. Реално, ова до пред 15тина месеци се однесуваше на работа на фриленсери и пирамидални продажби, понекоја онлајн продавница и слично. Но со затварањето на границите, а многу повеќе со воведувањето на карантинот и неможноста за движење пред работодавачите и вработените се исправи новиот предизвик- да се работи без да се стигне ан работното место.

Реално, постоењето на мобилните телефони, лаптопите, покриеноста со интернет мрежата веќе неколку децении полека не воведуваа во електронскиот свет и достапноста на работните обврски во 24/7 работно време (и неопределено работно место), но дека одеднаш ќе треба да се префрлиме работните обврски во целост да ги вршиме од дома, или да ги затвориме повремено или трајно бизнисите од мислена именка стана реална потреба. И се покажа како не толку неостварлива цел.

Аналитичарите кои ги следат трендовите укажуваат на повеќе или помалку погодности, но и негативности кои ги носи работењето од дома.

Пред се се намалуваат трошоците за превоз- приватниот и јавниот. Вработените повеќе не патуваат до работа, па се намалува потрошувачката на горива (а со тоа и загаденоста)

Приходите од закупнини очекувано би требало да се намалат, доколку работат од дома закупците не би имале економска оправданост да плаќаат закупнина, особено ако во догледно време не можат да се вратат на работа.

Се намалуваат трошоците за печатени матерјали- хартија. Преписките се електронски, не се печатат голем број непотребни документи

Се намалуваат трошоците за деловни патувања, конференции и обуки. Истите се покажа дека прилично функционално може да се одржуваат онлајн.

Се намалуваат трошоците за набавка на гардероба, особено на онаа за деловни пригоди. Честопати работниот ден се поминува во домашна облека, без формалности во изборот.

Се намалуваат приходите на млечните ресторани, пицериите, сендвичарите, рестораните и мензите- при останување дома вообичаено се преминува на домашна храна или нешто чепнато „на брзина“.

Поради намалените патувања- до и од работа, а особено подолгите деловни патувања, очекувано е да се намали прометот и во автомобилската индустрја, вклучително и трговијата со автомобили, гориво и механичарските работилници.

Намалување на прометот се очекува кај бутиците и продавниците кои не продаваат храна.

Зголемени приходи се очекуваат во информатичките и телекомуникациските гранки. Работењето од дома подразбира потреба од појак интернет, подобар телефон, лаптоп или персонален компјутер, честопати печатар и инвестирање во нови софтвер програми.

Конечните податоци за зголемените и намалените приходи по гранки ќе се анализираат на глобално и локално ниво по завршување на пандемијата.